вторник, 30 април 2013 г.

Епидерм


Епидермисот е најповршински слој на кожата и претставува континуирано обновувачки повеќеслоен сквамозен епител, кој кон површината постепено кератинизира и најповршно десквамира.
Негови деривати се т.н. кожни аднексии, нокти, влакнени фоликули, потни и лојни жлезди кои структурно припаѓаат на вториот слој од кожата-дермисот.Тој лежи на базална мембрана која визуелно го разграничува но всушност силно структурно и функционално го поврзува со дермот. Преку него по пат на дифузија се снабдува со виталните биохемиски состојки (не поседува крвни и лимфни садови). Во структурата на епидермот учествуваат клетки со различно ембриолошко потекло, морфологија, биохемизам и функција. Основните структурни клетки ,со застапеност од околу 90% се наречени кератиноцити, бидејќи во основата на нивниот биохемизам е синтезата на фибриларниот протеин кератин, а ембриолошки потекнува од ектодермот. Животниот век на еден кератиноцит во просек трае 26-28 дена. Тоа е период за кој тој се создава по пат на митотска делба од матичната клетка, како клетка ќерка пролиферира, се диференцира, за конечно како крајно диференцирана комплетно кератинизирана, да одпадне од површината на епидермот. Овој процес континуирано се одвива во текот на целиот животен век на човекот, при што додека едни кератиноцити пролиферираат, други се во различна фаза на диференцирање, се до конечно кератинизирање.Поради ова во хистолошката градба на епидермисот се разликуваат пет слоеви:
·       stratum basale
·       stratum spinosum
·       stratum granulosum
·       stratum lucidum
·       stratum corneum
Другите клетки кои се вклопени во структурата на епидермисот меланоцити, меркелови клетки и лангерхансови клетки имаат други функции, а не синтеза на кератин, но се во силна корелација со кератиноцитите, имаат различно ембрионално потекло и во различен период од ембрионалниот живот се вселуваат во епидермот се наречени некератинизирачки клетки и се сместени помеѓу кератиноцитите во различни слоеви на епидермот.

Нема коментари:

Објави коментар