Атрофичната кожа е провидна, танка, слабо пигментирана и со брчки. Важно е да и се посвети посебно внимание на ваквата кожа и правилно да се негува. Негата на атрофичната кожа може да се врши во козметички салони (професионална нега) или да се изведува во домашни услови (домашна нега). Професионалните козметички третмани за атрофичната кожа можат да бидат различни, што зависи од возраста на клиентот и моменталниот изглед на кожата. Треба да се утврди дали промените на кожата настанале како резултат на физиолошките процеси или станува збор за предвремено стареење на кожата под дејство на неповолни влијанија.
Професионалната нега на атрофична кожа се состои во следното: најпрво кожата се чисти со соодветни препарати, најчесто со нанесување на хранливи маски, а потоа се врши рачна или апаратурна масажа. Времетраењето на масажата е околу 20 минути, со цел да се подобри циркулацијата на крвта и да се интензивира исхраната на клетките. После масажата, кожата станува зацрвенета и топла на допир, а тоа е знак дека е подобрена трофиката на кожата. На крајот, третманот завршува со заштита на кожата со соодветен крем (најчесто со биоактивни кремови).
Домашната нега на атрофична кожа. Целта на домашната нега е да се успори процесот на стареење на кожата, со правилен избор и примена на квалитетни биолошко активни козметички препарати. За атрофичната кожа, важна е редовна и систематска нега, која подразбира дневна и ноќна нега на кожата.
Дневната нега на атрофичната кожа се состои во:
- чистење - се изведува нежно, со помош на козметички препарати врз база на биоактивни, хидратантни и масни суровини, со цел да се спречи отстранувањето на природната маснотија и влажност на кожата.
- тонирање - се врши со благи тоници кои ја освежуваат кожата.
- исхрана и заштита на кожата - се врши со примена на хранливи препарати со емолиентно дејство, за да се спречи дехидратацијата на површинскиот слој на кожата. За дневна нега се користат колагенски и витамински кремови. При примена на хормонски препарати, потребни се консултации со дерматолог.
Ноќната нега на атрофичната кожа се состои во:
- чистење - треба да се врши со емулзии за чистење со цел темелно да се отстрани дневната шминка. Постапката се изведува внимателно, без растегнување на кожата, посебно во пределот околу очите.
- тонирање - се изведува на истиот начин како кај дневната нега.
- исхрана на кожата - се врши со употреба на хранливи кремови кои содржат витамини, колаген или липозоми. При нанесувањето на кремот, добро е да се примени блага масажа, за подобро впивање на кремот во кожата.
Освен правилната нега на атрофичната кожа, многу важно за подобрување на изгледот на овој тип на кожа се хигиено - диететските навики. Потребно е да се земаат по три оброци дневно и да се внесуваат повеќе течности (1,5 - 2 литри дневно). Во исхраната да биде застапено што повеќе овошје, зеленчук, зелен чај и сл. Исто така, важно е да се практикува физичка активност, најмалку три пати неделно, во траење од 30 минути. Сите овие фактори позитивно влијаат на здравиот изглед на кожата, правејќи ја почиста и поубава.