Под атрофија на кожата се подразбира намалување или целосно исчезнување на поедини или сите составни делови на кожата. Овој процес може да ги опфати и епидермисот и кутисот. Атрофијата на кожата може да настане при раѓање или да се стекне покасно во животот. Во зависност од распространетоста на површината на кожата, атрофијата може да биде:
- дифузна (општа) - промените се застапени на целиот организам;
- локална - промените се застапени на одредена регија.
Атрофијата може да биде:
Физиолошка - значи процесот настанува со стареењето на организмот. Оваа атрофија се нарекува старост на кожата. Кожата е сува, со намалена пигментација, со поголем број бразди, нема сјај, тенка е и со видливи крвни садови, има намален тонус. Овој процес започнува после 40 година од животот кај сите луѓе, без разлика на полот. Се нарекува уште општа атрофија, бидејќи за зафаќа целата кожа.
Патолошка - настанува како резултат на некои заболувања на организмот или кожата. Патолошка атрофија претставува секое предвремено стареење на кожата. Причините кои доведуваат до патолошка атрофија најчесто се заболувања кои ја намалуваат циркулацијата на крвта. Физиолошката и патолошката атрофија имаат исти карактеристики. При допир, кожата е мека и може да се собере поголемо парче во раката. Кожата е без нормална архитектура, а брчките ги има најмногу околу очите, устата и вратот. Има бледожолтеникава боја, со восочен сјај и има изглед на безживотна кожа. Една од причина за стареење на кожата кај жените е намалениот број на естрогените хормони, кои се важни за убавиот изглед на кожата. Стареењето на кожата е нормален и неизбежен процес, меѓутоа со правилна нега и употреба на соодветни козметички препарати, може во голема мера да се успори процесот на стареење на кожата. Примената на современите козметички процедури овозможува подолго задржување на младешкиот изглед на кожата. Денес, дерматолозите применуваат низа третмани, користејќи ги ласерските апарати во ублажување на брчките, посебно на лицето, при што се забележуваат добри резултати.
Нема коментари:
Објави коментар