понеделник, 10 јуни 2013 г.

Најчести атрофии на кожата

Најчести атрофии на кожата се: cutis senilis, striae atrophicae и дегенеративната атрофија на кожата. Во понатамошниот текст ќе бидат подетално обработени.
Атрофија - cutis senilis

Успешната терапија за овој тип атрофија не постои, но се препорачува кожата да се премачкува со масни препарати и да се користи заштита од UV зраци.Сенилната атрофија на кожата се јавува во четириесеттите години и се карактеризира со предвремена појава на атрофична, сува, набрчкана кожа, со намалена елестичност, а на некои места пигментирана. Промените се локализирани на лице, врат, чело, подлактици и дорзалните страни на рацете (шепите). Атрофичните промени на кожата се поврзани со влијанието на светлината, типот на кожата, климатските услови и професијата.

Атрофија - striae atrophicae 
Претставува атрофија со линеарно - тракаста форма, со различна должина и ширина. Се јавува за време на пубертетот и од 20 - 30 година од животот, почесто кај женскиот пол. Не е сосема јасно како настанува оваа атрофија, но се смета дека примарна улога има хормоналниот дисбаланс, односно зголеменото ниво на кортикостероиди, кои ја нарушуваат синтезата на сврзното ткиво во кожата. Секундарно значење има механичкото растегнување на кожата. Стриите се појавуваат за време на пубертетот, при нагло растење или при нагло слабеење и дебелеење, за време на бременост, како и при некои инфективни и малигни заболувања. Најчесто стриите се симетрично распоредени на места каде кожата е подложна на растегнување (стомакот, натколениците, надлактиците, горниот дел од трупот, градите и сл.).
Клинички се манифестираат како многубројни линеарно - тракести промени, долги 1 - 15 сm и широки 1 - 10 mm, во кои кожата е атрофична и попречно набрана. Во почетокот промените се црвени или црвено - сини по боја, а подоцна бело - жолтеникави, а поретко помалку или повеќе хиперпигментирани. Стриите претставуваат естетски проблем кај повеќето жени. Потполно отстранување на стриите не е можно, но постојат начини со кои може да се спречи нивното настанување или да се ублажат, доколку се појавиле на кожата.
Најдобри резултати со ласерска терапија се постигнуваат кај млади стрии, во фаза на настанување. Со комбинација на ултразвучен пилинг, биостимулативен ласер, вакуум и внесување на специјално формулирани препарати во подлабоките слоеви на кожата, се зголемува репродукцијата на колаген и еластин во кожата. После серија од 10 - 15 третмани, се подобрува тонусот, цврстината и еластичноста на кожата, стриите се помалку видливи, скоро изедначени со бојата на кожата.
Дегенеративна атрофија на кожата
Обично се јавува кај луѓе од одредена професија како што се морнари, работници кои работат на отворено, кои подолго време се изложени на дејството на сончевите зраци. Може да се јави и пред 50 -та година од животот. Кај дегенеративната атрофија на кожата настануваат дегенеративни промени на колагенот и еластинот. Се јавува на непокриените делови на главата и рацете, а поретко на нозете. На кожата на образите и челото се забележуваат дифузни, линеарни или ситни жолтеникави дамки. Дегенеративни промени често се јавуваат и на вратот, а се карактеризираат со плитки или подлабоки бразди. Состојбата на ваквата кожа не може да се поправи, па затоа лекувањето се сведува на локална терапија со употреба на масти, кои и ја враќаат маснотијата на кожата. Се препорачува кожата да се заштитува од сончевите зраци со соодветна облека и користење на препарати за заштита од сонце на непокриените делови од кожата.

Нема коментари:

Објави коментар