понеделник, 10 јуни 2013 г.

Нега и хигиено - диететски режим на атрофична кожа

Атрофичната кожа е провидна, танка, слабо пигментирана и со брчки. Важно е да и се посвети посебно внимание на ваквата кожа и правилно да се негува. Негата на атрофичната кожа може да се врши во козметички салони (професионална нега) или да се изведува во домашни услови (домашна нега). Професионалните козметички третмани за атрофичната кожа можат да бидат различни, што зависи од возраста на клиентот и моменталниот изглед на кожата. Треба да се утврди дали промените на кожата настанале како резултат на физиолошките процеси или станува збор за предвремено стареење на кожата под дејство на неповолни влијанија.
Професионалната нега на атрофична кожа се состои во следното: најпрво кожата се чисти со соодветни препарати, најчесто со нанесување на хранливи маски, а потоа се врши рачна или апаратурна масажа. Времетраењето на масажата е околу 20 минути, со цел да се подобри циркулацијата на крвта и да се интензивира исхраната на клетките. После масажата, кожата станува зацрвенета и топла на допир, а тоа е знак дека е подобрена трофиката на кожата. На крајот, третманот завршува со заштита на кожата со соодветен крем (најчесто со биоактивни кремови).
Домашната нега на атрофична кожа. Целта на домашната нега е да се успори процесот на стареење на кожата, со правилен избор и примена на квалитетни биолошко активни козметички препарати. За атрофичната кожа, важна е редовна и систематска нега, која подразбира дневна и ноќна нега на кожата.
Дневната нега на атрофичната кожа се состои во:
  • чистење - се изведува нежно, со помош на козметички препарати врз база на биоактивни, хидратантни и масни суровини, со цел да се спречи отстранувањето на природната маснотија и влажност на кожата.
  • тонирање - се врши со благи тоници кои ја освежуваат кожата.
  • исхрана и заштита на кожата - се врши со примена на хранливи препарати со емолиентно дејство, за да се спречи дехидратацијата на површинскиот слој на кожата. За дневна нега се користат колагенски и витамински кремови. При примена на хормонски препарати, потребни се консултации со дерматолог.
Ноќната нега на атрофичната кожа се состои во:
  • чистење - треба да се врши со емулзии за чистење со цел темелно да се отстрани дневната шминка. Постапката се изведува внимателно, без растегнување на кожата, посебно во пределот околу очите.
  • тонирање - се изведува на истиот начин како кај дневната нега.
  • исхрана на кожата - се врши со употреба на хранливи кремови кои содржат витамини, колаген или липозоми. При нанесувањето на кремот, добро е да се примени блага масажа, за подобро впивање на кремот во кожата.
Освен правилната нега на атрофичната кожа, многу важно за подобрување на изгледот на овој тип на кожа се хигиено - диететските навики. Потребно е да се земаат по три оброци дневно и да се внесуваат повеќе течности (1,5 - 2 литри дневно). Во исхраната да биде застапено што повеќе овошје, зеленчук, зелен чај и сл. Исто така, важно е да се практикува физичка активност, најмалку три пати неделно, во траење од 30 минути. Сите овие фактори позитивно влијаат на здравиот изглед на кожата, правејќи ја почиста и поубава.

Најчести атрофии на кожата

Најчести атрофии на кожата се: cutis senilis, striae atrophicae и дегенеративната атрофија на кожата. Во понатамошниот текст ќе бидат подетално обработени.
Атрофија - cutis senilis

Успешната терапија за овој тип атрофија не постои, но се препорачува кожата да се премачкува со масни препарати и да се користи заштита од UV зраци.Сенилната атрофија на кожата се јавува во четириесеттите години и се карактеризира со предвремена појава на атрофична, сува, набрчкана кожа, со намалена елестичност, а на некои места пигментирана. Промените се локализирани на лице, врат, чело, подлактици и дорзалните страни на рацете (шепите). Атрофичните промени на кожата се поврзани со влијанието на светлината, типот на кожата, климатските услови и професијата.

Атрофија - striae atrophicae 
Претставува атрофија со линеарно - тракаста форма, со различна должина и ширина. Се јавува за време на пубертетот и од 20 - 30 година од животот, почесто кај женскиот пол. Не е сосема јасно како настанува оваа атрофија, но се смета дека примарна улога има хормоналниот дисбаланс, односно зголеменото ниво на кортикостероиди, кои ја нарушуваат синтезата на сврзното ткиво во кожата. Секундарно значење има механичкото растегнување на кожата. Стриите се појавуваат за време на пубертетот, при нагло растење или при нагло слабеење и дебелеење, за време на бременост, како и при некои инфективни и малигни заболувања. Најчесто стриите се симетрично распоредени на места каде кожата е подложна на растегнување (стомакот, натколениците, надлактиците, горниот дел од трупот, градите и сл.).
Клинички се манифестираат како многубројни линеарно - тракести промени, долги 1 - 15 сm и широки 1 - 10 mm, во кои кожата е атрофична и попречно набрана. Во почетокот промените се црвени или црвено - сини по боја, а подоцна бело - жолтеникави, а поретко помалку или повеќе хиперпигментирани. Стриите претставуваат естетски проблем кај повеќето жени. Потполно отстранување на стриите не е можно, но постојат начини со кои може да се спречи нивното настанување или да се ублажат, доколку се појавиле на кожата.
Најдобри резултати со ласерска терапија се постигнуваат кај млади стрии, во фаза на настанување. Со комбинација на ултразвучен пилинг, биостимулативен ласер, вакуум и внесување на специјално формулирани препарати во подлабоките слоеви на кожата, се зголемува репродукцијата на колаген и еластин во кожата. После серија од 10 - 15 третмани, се подобрува тонусот, цврстината и еластичноста на кожата, стриите се помалку видливи, скоро изедначени со бојата на кожата.
Дегенеративна атрофија на кожата
Обично се јавува кај луѓе од одредена професија како што се морнари, работници кои работат на отворено, кои подолго време се изложени на дејството на сончевите зраци. Може да се јави и пред 50 -та година од животот. Кај дегенеративната атрофија на кожата настануваат дегенеративни промени на колагенот и еластинот. Се јавува на непокриените делови на главата и рацете, а поретко на нозете. На кожата на образите и челото се забележуваат дифузни, линеарни или ситни жолтеникави дамки. Дегенеративни промени често се јавуваат и на вратот, а се карактеризираат со плитки или подлабоки бразди. Состојбата на ваквата кожа не може да се поправи, па затоа лекувањето се сведува на локална терапија со употреба на масти, кои и ја враќаат маснотијата на кожата. Се препорачува кожата да се заштитува од сончевите зраци со соодветна облека и користење на препарати за заштита од сонце на непокриените делови од кожата.

Атрофија на кожата

Под атрофија на кожата се подразбира намалување или целосно исчезнување на поедини или сите составни делови на кожата. Овој процес може да ги опфати и епидермисот и кутисот. Атрофијата на кожата може да настане при раѓање или да се стекне покасно во животот. Во зависност од распространетоста на површината на кожата, атрофијата може да биде:
  • дифузна (општа) - промените се застапени на целиот организам;
  • локална - промените се застапени на одредена регија.
Атрофијата може да биде:
Физиолошка - значи процесот настанува со стареењето на организмот. Оваа атрофија се нарекува старост на кожата. Кожата е сува, со намалена пигментација, со поголем број бразди, нема сјај, тенка е и со видливи крвни садови, има намален тонус. Овој процес започнува после 40 година од животот кај сите луѓе, без разлика на полот. Се нарекува уште општа атрофија, бидејќи за зафаќа целата кожа.
Патолошка - настанува како резултат на некои заболувања на организмот или кожата. Патолошка атрофија претставува секое предвремено стареење на кожата. Причините кои доведуваат до патолошка атрофија најчесто се заболувања кои ја намалуваат циркулацијата на крвта. Физиолошката и патолошката атрофија имаат исти карактеристики. При допир, кожата е мека и може да се собере поголемо парче во раката. Кожата е без нормална архитектура, а брчките ги има најмногу околу очите, устата и вратот. Има бледожолтеникава боја, со восочен сјај и има изглед на безживотна кожа. Една од причина за стареење на кожата кај жените е намалениот број на естрогените хормони, кои се важни за убавиот изглед на кожата. Стареењето на кожата е нормален и неизбежен процес, меѓутоа со правилна нега и употреба на соодветни козметички препарати, може во голема мера да се успори процесот на стареење на кожата. Примената на современите козметички процедури овозможува подолго задржување на младешкиот изглед на кожата. Денес, дерматолозите применуваат низа третмани, користејќи ги ласерските апарати во ублажување на брчките, посебно на лицето, при што се забележуваат добри резултати.

Основни хистопатолошки процеси во епидермот


Нарушувањата во процесот на кератинизација се манифестираат хистопатолошки како:
·       Хиперкератоза
·       Паракератоза
·       Дискератоза
Терминот ортокератоџа означува нормално граден stratum corneum.
Хиперкератоза е задебелување на корнеалниот слој со различен екстензитет, како резултат на засилена кератинизација –з големена продукција на кератин (пролиферативна или продуктивна хиперкератоза) или поради намалено лупење – десквамација (ретенциска или застојна хиперкератоза).
Паракератоза – има дефект во кератиноцитната диференцијација и се манифестира со присуство на непотполно кератинозирани кератиноцити во корнеалниот слој кој обично е задебелен.
Дискератоза е процес на патолошка кератинизација каде што има поединечни, абнормално и предвремено уште во спинозниот слој кератинизирани кератиноцити.
-Акантоза е задебелување на спинозниот слој поради хиперплазија или хипертрофија на клетките.
-Псевдоакантоза е задебелување на спинозниот слој поради интер или интраклеточен едем.
 -Хипергранулоза е проширување на гранолозниот слој.
-Атрофија е истенчување на епидермисот при што најизразена е редукција на спинозниот слој поради смален волумен и/или број на клетки.
-хипогранулоза и агранулоза.
-Егзосероза е процес при кој влегува серозна течност од кориумот во еоидермот и се создава интерцелуларен (интерстицијален) и/или интрацелуларен (паренхиматозен) едем.
-Спонгиоза е патохистолошки наод кој резултира од силно изразен интерцелуларен едем.
-Балонска дегенерација е последица на интрацелуларен едем.
-Акантолиза е патолошки процес при кој доаѓа до дезинтеграција на дезмозомите.
-Епидермолиза е раздвојување на епидермот од дермот и создавање на шуплина исполнета со течност.
-Вакуолна дегенерација е дегенеративен процес во епидермалните клетки и оа најчесто на базалните клетки.
-Егзоцитоза е процес на вселување на инфламаторни клетки најчесто лимфоцити и леукоцити во епидермот од дермот.Колекција од полиморфни леукоцити во различни делови од епидермисот се наречени микроапсцеси или пустули.
-Спонгиформна пустула на Когој (стерилна, абактериска пустула) се создава така што во ограничен, горен дел на спинозниот слој, проткаан со интерцелуларен едем, навлегуваат полиморфни леукоцити помеѓу и во спинозните клетkи кои ги губат јадрата и цитоплазмата.
-Мунро микрапсцеси се мали акумулацииод распаднати леукоцити сместени во паракератотичен корнеален слој.
-Pautrier-ови микроапсцеси се наоѓаат во долниот дел на спинозниот слој и не се прави апсцеси бидејќи се сочинети од група клетки со хиперхромно јадро.

-Некроза е иреверзибилен процес кој завршува со смрт на клетката.

Основни хистопатолошки процеси на кожата



Под дејство на различни агенси, во кожата се случуваат неспецифични и специфични инфламаторни, деструктивни, дегенеративни или пролиферативни процеси, кои ги регистрираме микроскопски како хистопатолошки процеси (промени) во кожата, а макроскопски (со голо око) како промени на кожата наречени ефлоресценции.

среда, 1 мај 2013 г.

Функција на кожата


1. Заштитна функција
2. Терморегулација
3. Секреторна функција
4. Имунолошка активност
5. Меланогенетска
6. Сетилна функција.

Нокти


Нокти (ungues, onyx), во потесна смисла на зборот претставуваат рожни (кератински) плочки,епидермален продукт, кои покриваат дел од дорзалната страна на дисталната фаланга на прстите на рацете и нозете.

Влакна


Влакна (pili,trichos), се кератинизирани творби, имплантирани на кожата во кавитет наречен фоликул. Ја покриваат речиси целата површина на кожата, освен-дланките, табаните, воларната страна на прстите, дорзалната страна на дисталните фаланги, гланс пенис, внатрешната страна на labia majora et minora vulvae. На главата се нарекуваат: capilli, на брадата barbae, во аксилата hirci, на клепките cilia, на веѓите supercilia, во носните отвори vibrissae ,во надворешниот ушен канал targi. Зачетокот на влакната е во третиот ембрионален месец, а конечно формирање до петит ембрионален месец. Влакнениот фоликул и влакното имаат ектодермално поиекло, а папилите потекнуваат од мезодермот. Влакното содржи два главни дела-надворешен (scapus pili) и внатрешен (radih pili), кој завршува во дермот со едно задебелување во вид на луковица (bulbus pili), чиј долен пол е вдлабнат и таму е сместена papilla pili. Дното на булбусот е matrih pili, затоа што содржи живи клетки од кои расте влакното. Самото влакно е составено од три слоја:
·       надворешен (cuticula pili)
·       кортикален(cortex pili)
·       среден(medulla pili)
градени од модифицирани епидермални клетки. Влакната кај човекот растат и одпаѓаат следејќи еден еволутивен циклус кој содржи три фази:
1)     анагена фаза - долга од повеќе години, карактеризирана со кератогена активност -фаза на растење на влакното.
2)     катагена фаза - кратка, од неколку недели - фаза на обратен развој
3)     телогена фаза - од неколку месеци - фаза на одумирање на влакното


Лојни жлезди


Лојни жлезди (glandulae sebacae), се распоредени насекаде по кожата, освен на дланките и табаните. Региите на телото каде се најмногу присутни се нарекуваат себороични регии (капилициум, чело, нос, назолабијална и ментална бразда, ретроаурикуларно ,стернална и интерскапуларна регија). Иако се врзуваат за влакнениот фоликул се наоѓаат и на места на модифицирана кожа која не содржи влакна-брадавиците на дојките, glans penis, prepucium, labia majora et minora vulve. Понекогаш ги има и на букалната слузокожа,а на очните капаци има модифицирани себацеални жлезди (meibom-ови жлезди). Лојните жлезди се алвеоларни, холокрини жлезди, што значи нивниот секрет се создава по пат на распаѓање на сопствените клетки. Нивната секреција започнува интраутерино, се одржува високо во неонаталниот период, потоа се до пубертетот е мала, а со пубертетот се интензивира за да во адолесценцијата го достигне максимумот, и со стареење постепено опаѓа. Секрецијата е сиимулирана од андрогените хормони, додека естрогените делуваат инхибиторно. Чистиот себум е граден од: триглицериди (55-60%), восочни естри, сквален, холестерол и холестеролски естри. Себумот ја омастува површината на кожата, ја штити од сушење со што се одржува нејзината еластичност, а создава и неповолна бариера за развој и пенетрација на микроорганизми.

Потни жлезди


Потни жлезди (glandulae sudoriparae seu sudoriferae) се наоѓаат насекаде во човековата кожа. Се делат на два типа:
·       екрини или мали потни жлезди
·       апокрини или големи потни жлезди.
Екрини (мали) потни жлезди се вистински потни жлезди, сместени во целата кожа ги има околу 3 милиона, распоредени со различна густина во различни регии на телото. Најгусти се на дланките, стапалата, челото и аксилите. Ги нема на слузокожите, glans penis I preputium кај мажите, clitoris I labia minora кај жените. Тие се прости тубуларни и по типот на секреција мерокрини жлезди составени од два дела:секреторен дел и изводен канал. Во составот на потта водата учествува со околу 98-99%, а со 1-2% застапени се различни неоргански и органски материи (Na, Cl, K, млечна киселина, уреа, амонијак, аминокиселини, протеини, витамини, имуноглобулини и др.) преку потта се излачуваат и медикаменти: арсен, бром, салицилати, антимикотици и др. Екрините жлезди со продукција на потта имаат важна улога во одржување на нормалната телесна температура, хидратацијата на корнеалниот слој и формирање на заштитен липиден слој, се елиминираат различни токсични материи, таа делува бактерицидно и фунгицидно. Во услови на висока надворешна температура, фебрилни состојби, емоционален стрес, под дејство на некои медикаменти и други стимулси, продукцијата на потта може да се зголеми на 2-3 литра на час или дневно до околу 10 литра.
Апокрини (големи) потни жлезди се разликуваат од екрините по потекло, распоред, големина и начинот на секретирање. Потекнуваат од примарната епителијална основа како и лојните (себацеални) жлезди и влакнениот фоликул. Распоредени се само во неколку подрачја на кожат-аксилите, аногениталната регија, ареолите на дојката, а како модифицирани ги има во надворешниот ушен канал (церуминозни жлезди), во очните капаци (moll-ови жлезди) и во дојката (мамарни жлезди). Апокрините исто како и екрините се тубуларви жлезди, градени од два дла-секреторен дел и изводен канал. До пубертетот апокрините жлезди се мали и нефункционални, а се активираат под дејство на полови хормони. Секретот не е пот, туку млековидна вискозна супстанција, без мирис, богата со масти, кои по излевањето на површината на кожата од бактериската микрофлора се разградуваат до масни киселини, кои се со непријатен мирис. Нивната секреција не е континуирана и е контролирана од адренергичниот систем.

Аднекси на кожата


  •   потни жлезди(екрини и апокрини)
  •    лојни жлезди
  •    влакна
  •    нокти

вторник, 30 април 2013 г.

Хиподерм

Хиподермот како и дермот има мезенхимално потекло. Примарна клетка е липоцит (аналог на фибробластот) кој произведува големи количини на масти кои ја сочинуваат главнината на овој дел кожата. Липоцитите се групирани во лобулуси меѓу кои се протега фина мрежа на колагени и еластични смопчиња. Хиподермот содржи крвни и лимфни садови ,како и нерви сместени помеѓу адипозните лобулуси. Масното ткиво се состои од триглицериди. Неговата дебелина варира на различни делови на телото, во зависност од полот. Служи како топлотен изолатор, амортизер на ударите, како и депо на масти кои најбрзо се трошат при гладување.

Дерм


Дермисот е вториот и најголем дел на кожата, дебел 2-3мм, со варијации зависни од локализацијата. Најдебел е на дланките и стапалата ,а најтенок на клепките. Тој претставува матрих на кожата. Граден е од сврзно ткиво (колагени и еластични влакна), аморфен материјал (составен од протеогликани и гликопротеини) и клеткини елементи. Во него се сместени крвни и лимфни садови, потни и лојни жлезди, коренот на влакното, мускули, нервни структури. Поделен е на два дела:
·       Папиларен (суперфицијален)
·       Ретикуларен (длабок).

Епидерм


Епидермисот е најповршински слој на кожата и претставува континуирано обновувачки повеќеслоен сквамозен епител, кој кон површината постепено кератинизира и најповршно десквамира.
Негови деривати се т.н. кожни аднексии, нокти, влакнени фоликули, потни и лојни жлезди кои структурно припаѓаат на вториот слој од кожата-дермисот.Тој лежи на базална мембрана која визуелно го разграничува но всушност силно структурно и функционално го поврзува со дермот. Преку него по пат на дифузија се снабдува со виталните биохемиски состојки (не поседува крвни и лимфни садови). Во структурата на епидермот учествуваат клетки со различно ембриолошко потекло, морфологија, биохемизам и функција. Основните структурни клетки ,со застапеност од околу 90% се наречени кератиноцити, бидејќи во основата на нивниот биохемизам е синтезата на фибриларниот протеин кератин, а ембриолошки потекнува од ектодермот. Животниот век на еден кератиноцит во просек трае 26-28 дена. Тоа е период за кој тој се создава по пат на митотска делба од матичната клетка, како клетка ќерка пролиферира, се диференцира, за конечно како крајно диференцирана комплетно кератинизирана, да одпадне од површината на епидермот. Овој процес континуирано се одвива во текот на целиот животен век на човекот, при што додека едни кератиноцити пролиферираат, други се во различна фаза на диференцирање, се до конечно кератинизирање.Поради ова во хистолошката градба на епидермисот се разликуваат пет слоеви:
·       stratum basale
·       stratum spinosum
·       stratum granulosum
·       stratum lucidum
·       stratum corneum
Другите клетки кои се вклопени во структурата на епидермисот меланоцити, меркелови клетки и лангерхансови клетки имаат други функции, а не синтеза на кератин, но се во силна корелација со кератиноцитите, имаат различно ембрионално потекло и во различен период од ембрионалниот живот се вселуваат во епидермот се наречени некератинизирачки клетки и се сместени помеѓу кератиноцитите во различни слоеви на епидермот.

Хистолошка градба на кожата

Во хистолошка градба на кожата се застапени повеќе структурни елементи, различни според морфологијата, функцијата и со различно ембрионално потекло, но силно структурно поврзани и реципрочно функционални зависни помеѓу себе,како и со другите органи и органски системи во човековиот организам.(сл.1)
 

Повеќеслојноста на кожата е микроскопски препознатлива, но функционално неделива и одејќи од површината кон длабочината се состои од три слоја:
1)     Епидерм
2)     Дерм
3) Хиподерм

КОЖА


· КОЖА = integumentum commune / заеднички покривач
Ø  Δερμα/кожа
Ø  CUTIS/кожа

Кожата е волуминозен, повеке слоен, плоскат, орган, кој во целост го прекрива човековиот организам со својата комплексна високоспецијализирана градба и функционалност, создава специјална бариера во однос на надворешната средина, со што дава силен придонес во одржувањето на хомеостазата на човековиот организам. Во пределот на природните отвори (очи, нос, гениталие, анус, мочниканали ) преминува во полуслиузокожа (semimucosa) и слузокожа (mucosa). Структурните како и функционалните карактеристики на кожата во најголем дел се генeтски одредени, но силно зависат од општата состојба на организмот, а во текот на животот се физиолошки менливи и во различен степен модифицирани под влијание на различни егзогени нокси. Дерматологијата (од грчките зборови Δερμα/кожа и λογος/наука) е наука за кожата што се занимава со проучување како на болната, така и на здрава кожа. Познавањето на анатомската градба, биологија и физиологија на здравата кожа е нужен предуслов за разбирање на патолошките појави и научно објаснување на сите наши профилактички и терапеутски постапки. Одамна е отфрлено старот сваќање дека кожата е само пасивна обвивка на човековото тело со со единствана функција да ги штити внатрешните органи од механички, термички, хемиски и светлосни оштетувања. Денес кожата се смета дека е самостоен орган кој е тесно поврзан со животот и функцијата на целиот човеков организзам. Здравјете на кожата од голем дел зависи од здравјето на целиот човеков организам и многу промени што се јавуваат на кожата се само одраз на таа состојба. Од друга страна болестите на кожата често имаат влијание врз состојбата на организамот во целина.
За разлика од внатрешните органи кои се заштитени кожата со целата своја површин доаѓа во непосреден допир со надворешен севет и постојано е изложена на влијанијата на околината (паразити, бактерии, вируси, физички, хемиски фактори и др.) кои можат да предизвикаат оштетувања или заболување на кожата а во понатамошниот тек често предизвикуваат нарушување на општата здраствена состојба. Затоа се вели дека кожата е прзорец преку кој гледаме во внатрешноста на организмот и огледало на кое се рефлектираат збивањата на организмот. Здравјето на кожата многу зависи и од социјално-економските, а особено од хигиенските услови на живот и работа. За целосно и правилно разбирање на кожните болести потребно е да ги набљудуваме во тесна и каузлна врска како со целиот организам така и со условите во кој живее и работи.